Содржина

    Нашата прва работилница за жени претприемачки

    May 16, 2025

    Жените што создаваат, менуваат и водат бизниси заслужуваат поддршка која ќе ги охрабри да растат уште посилно.

    Затоа, со огромно задоволство, ја отворивме нашата прва работилница од серијалот посветен на жените претприемачи во рамките на програмата „Жени во бизнис“, која ја реализираме заедно со нашите партнери од Европската банка за реконструкција и развој.

    Темата со која започнавме беше директно поврзана со еден од најголемите предизвици во водењето бизнис – ефикасно одредување на цените. За повеќе од 40 претприемачки од различни сектори ова беше можност да се запознаат со практични алатки, примери и совети кои може веднаш да ги применат.

    Работилницата ја водеше Гојко Вучиниќ, искусен финансиски експерт од Frankfurt School of Finance and Management, кој на еден јасен и интерактивен начин ги приближи принципите на формирање цени, прилагодување на понуда и градење одржлива и конкурентна бизнис структура.

    Денот доби дополнителна посебна нота благодарение на Загорка Блажевска, сопственичка на Вита Нова, која ја сподели својата искрена и лична претприемачка приказна. Од првичната идеја па сѐ до реализацијата, нејзиниот пат е пример за храброст, истрајност и визија, нешто што сите го почувствувавме во салата.

    Беше навистина моќно да се биде дел од оваа група на жени кои не само што водат бизниси, туку се и двигатели на промени во своите заедници. Нивната енергија, идеи и меѓусебна поддршка ни потврдија дека сме на вистинскиот пат во нашата мисија да инвестираме во знаење, да градиме силна мрежа на претприемачки и да ја зајакнеме улогата на жените во економскиот раст на нашата земја.

    Во периодот што следи продолжуваме со уште работилници, нови теми, нови приказни и нови можности за жените што водат.