Содржина

    Hive Sessions: Дигитален маркетинг за стартапи

    May 16, 2025

    Во време кога новите бизниси се борат да се истакнат на пазарот, знаењето прави разлика помеѓу стартап што се пробива и оној што останува незабележан. Токму затоа продолжуваме со Hive Sessions – серија настани посветени на едукација, вмрежување и практична поддршка за фриленсери, мали бизниси и претприемачи со големи идеи.

    Во најновата сесија, на тема „Дигитален маркетинг за стартапи“, имавме можност да слушнеме инспиративно и практично предавање од д-р Димитар Јовевски, професор на Економскиот факултет во Скопје и Директор за развој во маркетинг агенцијата Piksel – еден од пионерите на дигиталниот маркетинг на македонскиот пазар. Настанот го организиравме заедно со нашите партнери Quipu и Mastercard, а се одржа во Startup Club Skopje, каде што се споија знаењето, идеите и енергијата на заедницата што сака да расте.

    Како што објасни професорот Јовевски, за стартапите дигиталниот маркетинг не е само алтернатива на традиционалните методи, тој е неопходност. Кога ресурсите се ограничени, а амбициите големи, креативните, достапни и мерливи маркетинг решенија стануваат најмоќната алатка на секој претприемач.

    Преку практични примери и систематски пристап, учесниците се запознаа со два суштински модели за изградба на дигитална стратегија:

    1. Internet Marketing Tree – Дрвото на дигитален маркетинг

    Овој модел го прикажува дигиталниот маркетинг како жив организам со четири основни „корени“:

    • Истражување – Анализа на конкуренцијата, пазарот и потребите на целната публика.
    • Стратегија – Поставување на цели, избор на канали и планирање на активности.
    • Брендирање – Градење на визуелен и комуникациски идентитет што ќе ја раскаже приказната на стартапот.
    • Содржина – Креирање релевантни материјали кои ќе го задржат вниманието на публиката.

    2. Inbound Marketing Methodology – методологија за привлекување, а не убедување

    Овој пристап се базира на градење долгорочни односи преку:

    • Привлекување на вистинската публика преку блогови, видеа и SEO.
    • Конверзија на посетители во потенцијални клиенти преку newsletter и CTA копчиња.
    • Затворање на процесот со персонализирана комуникација и понуди.

    Јовевски потенцираше дека секој стартап мора да има:

    • Веб-страница или најмалку landing страница како основна дигитална точка на присуство.
    • Активност на социјални медиуми – особено на Facebook, Instagram и LinkedIn.
    • SEO оптимизација – клучна за да ве најдат онлајн.
    • Е-mail маркетинг со алатки како Mailchimp кои овозможуваат висока исплатливост и директна комуникација.
    • Видео содржина – форматот со највисока посетеност денес.
    • AI алатки како Canva, MidJourney и Kapwing – за визуелна содржина.

    Дополнително, пред да се тргне во кампања, неопходно е да се дефинира идеалниот клиент, кој е, што го интересира и каде го поминува своето време онлајн. Обидот да се „допре до сите“ ретко завршува успешно – фокусираниот пристап е далеку поефикасен.

    За време на настанот, професорот сподели и неколку стратегии за оние што сакаат да го забрзаат растот:

    • Lean маркетинг – минимизирање на трошоци и максимално искористување на постоечките ресурси.
    • Growth hacking – креативни, неконвенционални техники за брз раст.
    • Партнерства – соработка со други мали бизниси или заедници со слична целна публика.

    Како дел од настанот, присутните имаа можност и одблиску да се запознаат со нашиот Стартап пакет како решение кое го создадовме токму за нови бизниси што сакаат да растат паметно. Пакетот вклучува банкарски и нефинансиски услуги, лесна комуникација со експерти, поврзување со мрежа на мали и средни претприемачи и пристап до практични алатки и едукација.

    Веруваме дека секоја добра идеја заслужува шанса да успее. Затоа ги поврзуваме луѓето, знаењето и ресурсите што прават разлика.