Содржина

    Отворени врати за нова енергија и нови идеи: Студентска посета во ПроКредит Банка

    December 29, 2025

    ПроКредит Банка беше домаќин на група студенти од Економскиот факултет во Скопје, кои во придружба на проф. д-р Елена Наумовска и проф. д-р Елена Макревска Дисоска имаа можност одблиску да се запознаат со работењето на банката, како и со конкретните можности за професионален развој, пракса и вработување.

    Во рамки на посетата, колешките од одделот за човечки ресурси, Ивона Черепналковски и Марија Ристевска, ги презентираа програмите за пракса и вработување, фокусирајќи се на тоа како ПроКредит Банка вложува во младите, нивниот развој и долгорочна кариера. Присутните студенти имаа можност да слушнат и лично искуство од Методиј Котевски, советник за клиенти во услужна единица, кој сподели дека токму преку оваа практикантска програма го започнал својот професионален пат во ПроКредит Банка. Ова на настанот му даде дополнителна вредност прикажувајќи ја отвореноста на банката кон новите таленти и помладите генерации чие време допрва доаѓа.

    Посебен сегмент од посетата беше кратката презентација на тема „Слоган – Порака која поврзува“, одржана од колегата Марко Златковиќ од одделот за маркетинг. Презентацијата им послужи како инспирација и насока на студентите за задачата што им ја подготвивме.

    Задачата предвидуваше креирање предлози за нов слоган на ПроКредит Банка и самата по себе создаде простор за размислување и креативно изразување на секој од присутните студенти. Добивме креативни, промислени и привлечни идеи, од кои дел имаат потенцијал да бидат разгледани и земени предвид за идни кампањи.

    Настанот беше заокружен со презентација на платформата ProConnect, што ја одржа колешката Татјана Зорева, координатор од одделот за бизнис во ПроКредит Банка. Станува збор за нова платформа за бизнис корисници што ги поврзува клиентите од целата ПроКредит Групација со една заедничка цел – отворање нови бизнис можности и унапредување на соработката.

    По презентацијата, студентите имаа и кратка прошетка низ банката, при што се запознаа со работната средина, културата и вредностите што ја дефинираат ПроКредит Банка.

    Преку ваквите средби кои се дел од ProActive платформата, ПроКредит Банка продолжува активно да се грижи за луѓето, природата и заедницата. Веруваме дека образованието, практичното знаење и развојот на младите се голема инвестиција во одржлива иднина со уште поголеми успеси и исклучително добри кадри.